Се подобрува состојбата на 28-годишниот скопјанец повреден на тобоган во Турција
28-годишниот скопјанец кој тешко го повреди ’рбетниот мозок при пад од тобоган во Кушадаси е надвор од животна опасност и со стабилни витални параметри. По итниот транспорт со владин авион во Скопје, пациентот започна да се храни на уста и да прима физикална терапија. Лекарите очекуваат следната недела да биде префрлен на Одделот за трауматологија.

Се подобрува состојбата на 28-годишниот скопјанец кој на летување во Кушадаси, го повреди р’бетниот мозок при пад од тобоган. Според д-р Игор Мерџаноски, пациентот кој со владин авион итно беше донесен во Скопје е надвор од животна опасност, виталните параметри му се добри, а во тек е и физикална терапија во единицата за интензивно лекување.
„Пациентот е во добра состојба. Виталните параметри се стабилни. Вчера имаше покачена температура, но сите направени тестови се негативни на инфекција и најверојатно станува збор за реакција на транспортот и претходната операција. Од денес тој почна да се храни на уста и имаме подобрување на општата состојба“, изјави д-р Мерџаноски.
Според лекарите, во текот на следната недела се очекува пациентот да биде префрлен на Одделот за трауматологија, каде ќе продолжи интензивната рехабилитација, а потоа и во специјализиран центар за понатамошно закрепнување.
Повредата на пациентот била сериозна. Сега е под будното око на медицински тим во Ургентниот центар во Скопје.
Инаку, доцна синоќа 28-годишниот скопјанец со владиниот авион беше транспортиран од Турција, поради тешки повреди на вратните пршлени здобиени при пад од тобоган. На 23-ти јули му била извршена хируршка интервенција во болница во Кушадаси. За време на транспортот, пациентот бил придружуван од стручни лекари.
Борис Грујоски
