Иран и САД на спротивни позиции за Ормутскиот теснец, конфликтот се шири во регионот
Техеран инсистира на исполнување на низа услови пред повторно отворање на Ормутскиот теснец, додека Вашингтон очекува непречен транспорт на нафта и гас. Во меѓувреме, Израел најавува дека нема да попушти во Газа, а Хутите и јеменската војска разменуваат нови напади.

Ормутскиот теснец нема да биде отворен сè додека САД не го променат однесувањето. Иран постави нови услови за повторно отворање на клучниот воден пат – Техеран бара Вашингтон да ја укине поморската блокада, да ги повлече воените сили и трајно да ја прекине војната. Барањата доаѓаат во момент кога Иран и Оман сигнализираат дека се блиску до договор за управување со теснецот.
„Овој договор може да биде постигнат, но отворањето на Ормускиот теснец зависи од исполнувањето на голем број услови. Сè додека не престанат прекршувањата од страна на САД и додека не биде надоместено она што е прекршено, нема можност за продолжување на преговорите“, изјави Абас Арагчи, министер за надворешни работи на Иран.
Вашингтон тврди дека Иран се обврзал да не воведува такси за премин низ теснецот и дека ќе овозможи непречен протокот на нафта и гас. Велат дека сè уште проценуваат дали Техеран е подготвен за промени – во спротивно, притисокот ќе продолжи.
„Нашето очекување е дека ќе видиме иста количина нафта и гас што излегува од Заливот како пред почетокот на конфликтот. Тоа е она што Иранците ни кажаа дека ќе го направат. Само се обидуваме да се осигураме дека ќе го добиеме она што ни треба од овој конфликт. Тука сме во средината на играта. Ова не е завршено и сигурно веќе не е на почетокот – ние сме во средината на играта“, рече Џеј Д. Венс, потпретседател на САД.
Од друга страна, Израел порача дека нема да попушти ниту на фронтот во Газа, ниту во односите со Иран. Предупреди дека Техеран нема да се здобие со нуклеарно оружје
„Израел го отфрла документот од 15 точки. Израелските одбранбени сили нема да извршат никакво повлекување додека Хамас не биде разоружан“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Тензиите се прелеваат и во Јемен. Владата во Сана започна одмазднички напади врз бунтовниците Хути, поддржани од Иран, обвинувајќи ги дека ја вовлекуваат земјата во регионални конфликти.
„Секој напад врз еден фронт или оска се смета за напад врз сите фронтови и оски на нашите вооружени сили“, рече полковник Маџед ал-Назили, портпарол на јеменската војска.
Во исто време, Хутите соопштија дека со дрон ја погодиле рафинеријата на саудискиот „Арамко“ на брегот на Црвено Море, како одмазда за саудиските упади со дронови во северозападен Јемен. Саудиските власти потврдија дека пожарот е изгаснат. Во услови на зголемени тензии, во Иран се појави и првата снимка од врховниот лидер Моџтаба Хамнеи, во време на шпекулации за неговата здравствена состојба.
Бојана Крстевски
