Доделена светската награда за хуманизам во Охрид
На празникот на Свети Климент Охридски, по 20-ти пат беше доделена Светската награда за хуманизам, а Охридската академија на хуманизмот одбележа 35 години од основањето. Годинашниот лауреат е австрискиот професор Кристоф Бенедиктер, а со доделување повелба беше одбележана и 40-годишнината од замонашувањето на архиепископот г.г. Стефан.

Охрид денеска средиште на хуманистичката мисла. На празникот на патронот на градот Свети Климент Охридски, се одбележаа 20 години од доделувањето на Светската награда за хуманизам, а годинава таа му припадна на австрискиот проф. д-р Кристоф Бенедиктер.
Денес, на 9 август 2026 година, во Охрид – Светиот град, се одбележува единствен меѓународен јубилеј – 20-годишнината од доделувањето на Светската награда за хуманизам, која го возвеличува и чествува името на Свети Климент Охридски на сите меридијани, токму на празникот што го носи неговото име.
„Се надевам дека тоа ќе биде дополнителен поттик за понатамошна работа и промоција на сите наши вредности, кои потекнуваат од ова хуманистичко тло на Македонија“, изјави академик Катица Ќулавкова.
„Хуманизмот не е само апстрактен филозофски концепт, туку жива, насушна потреба за опстанок и напредок на човештвото“, изјави охридскиот градоначалник, Кирил Пецаков.
За лауреатот Охрид е едно од ретките места каде што мислата и културата со векови опстојуваат и се обновуваат.
„Охрид е едно од оние ретки места каде што низ многу генерации и историски епохи процветувале креативниот дух и научната мисла. Овој град поседува посебна аура што им овозможува на мислата и културата да опстојуваат и повторно да се раѓаат“, нагласи Кристоф Бенедиктер, добитник на Светската награда за хуманизам.
Во рамките на свеченоста беше доделена повелба за 40 години од замонашувањето на архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан.
„Се сеќавам веројатно најдобро јас на тој ден. Но, гледано од денешен аспект, никому ништо во животот не му се случува случајно. Да се замонашам на свети Наум, а и признанието на Свети Климент и на празникот на сите седмочисленици“, рече архиепископот г.г. Стефан.
Со ова исклучително признание, Охридската академија на хуманизмот го слави името на Свети Климент Охридски на сите светски меридијани, потврдувајќи дека неговата порака за знаење, духовност и човечност и денес има универзално значење.
Соња Рилковска
