Трамп ќе го зголемува економскиот притисок врз Иран
Наместо голема воена офанзива, Трамп ќе го зголемува економскиот притисок врз Иран. Во интервјуто за Аксиос, шефот на Белата куќа не се служеше со вообичаената заканувачка реторика кон Техеран, иако Исламската република постојано го одложува договорот со Оман за отворање на Ормускиот теснец.

Американскиот претседател Трамп го намалува значењето на повторното отворање на Ормускиот теснец, откако Техеран го одолговлекува договорот со Оман, поставувајќи нови услови. Наместо нова голема воена офанзива, Трамп сега најавува засилен економски притисок врз Исламската република. Шефот на Белата куќа, во интервју за „Аксиос“ оцени дека преговорите се одвиваат „половично“, а Иран се соочува со огромна инфлација и тешка економска криза.
„Само го гледаме Иран со неговата огромна инфлација и фактот дека немаат пари. Ќе се среди, секогаш се средува. Тоа е како шаховска игра“ - изјави Трамп за Аксиос.
Промената на пристапот на Вашингтон доаѓа по информациите дека Пентагон побарал од американската одбранбена индустрија да го зголеми производството, бидејќи залихите на муниција се намалуваат. Аналитичарите сметаат дека САД се „без опции“ додека војната се влече веќе шест месеци.
И додека Трамп се обложува на економски притисок, во Техеран нова неизвесност по ненадејната смена на шефот на Врховниот совет за национална безбедност. Мохамад-Багер Золгхадр беше разрешен без официјално објаснување за причините, и само неколку часа откако ги објави условите на Техеран за повторно отворање на Ормускиот теснец. Ненадејната смена дополнително ги засили шпекулациите за поделби во иранското раководство околу курсот на Иран во можните преговори со Вашингтон.
Тензиите во регионот се на високо ниво. Израел предупреди дека нема да дозволи Иран да дојде до нуклеарно оружје, ниту пак ќе го прифати договорот на Трамп за Газа сè додека Хамас не биде разоружан. Хутите, пак, презедоа одговорност за новите напади врз саудиски сили и цели во Јемен, и покрај тоа што Ријад, заедно со Анкара и Исламабад ставија потпис на договор за заедничка одбрана.
Бојана Крстевски
