Култура

Алиса Садикова со целовечерен концерт вечерва на „Охридско лето“

10.08.2026 11:34

Младата и светски афирмирана харфистка Алиса Садикова вечерва ќе настапи на 66-тото издание на фестивалот „Охридско лето“. Во прекрасната акустика на црквата „Света Софија“, со почеток во 21 часот, Садикова ќе изведе дела од Бах, Дебиси, Чајковски, Посе, Шопен и Сметана.

Програмата на 66-тото издание на фестивалот „Охридско лето“ продолжува вечерва со целовечерен концерт на младата харфистка Алиса Садикова, која важи за едно од најзначајните млади имиња на светската музичка сцена.

Садикова е родена во Санкт Петербург, а своето музичко образование го започнува уште од најрана возраст. По школувањето во Русија, како стипендист на Фондацијата „Салви“ продолжува да се усовршува во Белгија, а потоа и на престижната „Џулијард“ во САД, каде што дипломира во 2025 година. Во моментов е на постдипломски студии на „Џулијард“.

Нејзината меѓународна кариера започнува во 2010 година, кога како победник на својот прв натпревар добива можност да настапи во „Карнеги хол“ во Њујорк и да реализира турнеја со десет концерти низ САД. Само на 10-годишна возраст дебитира како солист со оркестар под диригентската палка на Владимир Спиваков.

Во досегашната кариера има освоено повеќе од 20 први награди на меѓународни натпревари, а како солист настапувала во повеќе од 25 земји низ светот. Нејзините настапи се одржувале во престижни концертни сали, меѓу кои Виенската државна опера и „Гастајг“ во Минхен.

Садикова настапувала и со познати оркестри, била гостинка на Светските конгреси на харфисти во Сиднеј и Хонг Конг, а нејзината уметничка дејност се проширува и надвор од класичната музика. Таа била дел и од светската турнеја на Сара Брајтман и има издадено пет албуми, меѓу кои и соло албумот „Соѕвездие на харфата“.

Концертот во рамки на „Охридско лето“ ќе се одржи вечерва во црквата „Света Софија“, со почеток во 21 часот. На програмата се дела од Бах, Дебиси, Чајковски, Посе, Шопен и Сметана.