ИЈЗ предупредува: Лицата над 65 години се особено ранливи на топлотните бранови
Лицата над 65 години се една од ризичните категории при високи температури и топлотни бранови, предупредува Институтот за јавно здравје. Од ИЈЗ апелираат повозрасните да избегнуваат сонце и физичка активност од 11 до 17 часот, да внесуваат доволно течности и да внимаваат на терапијата доколку имаат хронични заболувања.

Високите температури и топлотните бранови претставуваат поголем здравствен ризик за лицата над 65 години, предупредува Институтот за јавно здравје. Според националните и меѓународните препораки, повозрасните се меѓу најризичните категории на населението.
Со возраста, организмот потешко се приспособува на високите температури, а дополнителен ризик претставуваат хроничните заболувања и редовната терапија. Одредени лекови може да влијаат врз нормалните реакции на организмот на топлина.
Од ИЈЗ препорачуваат да се избегнува изложување на сонце, работа и физичка активност на отворено во периодот од 11 до 17 часот. Се советува носење лесна, светла и широка облека, очила за сонце и капа или шапка со широк обод, како и користење средство за заштита од сонце со SPF 30 или повисок.
Особено важно е внесувањето доволно течности, без да се чека појавата на жед. Треба да се избегнуваат алкохолните пијалаци, а да се ограничи и внесот на пијалаци кои содржат кофеин. Лицата на кои лекар им го ограничил внесот на течности треба да се консултираат со него за потребната количина во периодот на високи температури.
ИЈЗ советува домот да се одржува на пријатна температура и да се спречи неговото дополнително загревање. Во текот на денот треба да се користат ролетни или завеси за заштита од директна сончева светлина, а просториите да се проветруваат кога надворешната температура е пониска. При користење клима-уред треба да се избегнува прекумерно разладување и нагли температурни промени.
Се препорачува и разладување на телото со млака или посвежа вода, влажни крпи и престој во најладниот дел од домот или во климатизирана просторија.
За лицата со хронични заболувања, од ИЈЗ апелираат редовно да ја земаат пропишаната терапија и да не ја менуваат или прекинуваат без консултација со лекар. При промена или влошување на здравствената состојба треба да се контактира матичниот лекар.
Од Институтот посочуваат дека е особено важно повозрасните кои живеат сами да одржуваат редовен контакт со семејството, пријателите и соседите, за навреме да се забележат евентуални промени во здравствената состојба и да се обезбеди помош доколку е потребно.
