Музичко-сценски спектакл за 35 години независност
Почнаа чествувањата за Денот на независноста. Музичко – сценскиот спектакл во режија на Дејан Пројковски синоќа во Охрид ја поведе публиката на културно патување – преку музика, театар и поезија раскажана приказната за македонската држава. Но, настанот што треба да обединува, полека се претвори во полигон за кавги меѓу партиите – СДСМ обвини дека македонското знаеме било погрешно изработено за сценската изведба, ВМРО-ДПМНЕ ги прекори опозиционерите зашто сакаат да го оцрнат проектот.

Стиховите и мисли на Блаже Конески, Кочо Рацин, Крсте Петков – Мисирков и Гоце Делчев оживеаја пред публиката во Охрид низ познати музички рефрени, кои ги премостија различните епохи и генерации. Македонија почна да ја раскажува својата 35-годишна приказна низ музика, стих, театар. Се одржа првиот од 11 настани, предвидени со големиот сценски спектакл насловен „Силно светнал ден“. Над 30 изведувачи ги споија различните генерации, жанрови и музички јазици.
Приказната за Македонија, во улога на интерпретатор и раскажувач ја водеше познатиот актер и шоумен, Игор Џамбазов.
Но, прославата што треба да обединува, повторно ги скара партиите. СДСМ обвини дека за време на сценскиот настап било утнато македонското знаме, кое било прикажано со повеќе краци и побара одговорност.
„Владата сега да излезе пред граѓаните и да каже: Која компанија била ангажирана? Кој бил задолжен за сценографијата и визуелниот идентитет? Колку пари се потрошени? Кој ќе понесе одговорност за ваквото понижување на македонскиот државен симбол?“, стои во соопштението на СДСМ.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ објаснија дека станува збор за уметничка инсталација, во која повеќекрако сонце визуелно се претопува во македонското државно знаме со осум краци.
„Настанот „Силно светнал ден“, по повод 35 години независност е поздравен од сите граѓани и ја обедини државата, а само Филипче и тие неколкумина околу него пробуваат да го оцрнат проектот. Нам тоа ни е јасно, затоа што тие се политички глодари и лешинари кои не сакаат Македонија да оди напред“, соопштија на ВМРО-ДПМНЕ.
По Охрид, карванот продолжува во Битола – 11 градови, 35 години независност и една приказна, македонската која продолжува да се пишува.
Александра Спировска
