Земјоделците и сточарите уште ги чекаат заостанатите субвенции
Ребалансот усвоен, земјоделците ги чекаат субвенциите. Производителите од Битола ги бараат парите – се заканија дека ако за една недела не бидат исплатени ќе го блокираат граничниот премин „Меџитлија“.

Наместо очекуваната исплата-повторно чекање и неизвесност. Земјоделците и сточарите од Пелагонија велат дека дел од заостанатите субвенции од 2025 и месеците до сега од оваа година-сè уште не се исплатени, иако на средбата со новиот министер, добиле уверување дека по ребалансот на Буџетот средствата ќе легнат на нивните сметки.
По изјавата на премиерот Мицкоски, дека се пријавува нереално производство за да се добијат повеќе субвенции, земјоделците велат дека ваквата форма на криминал не е во нивни раце, туку во откупните центри и платежната агенција.
За нив субвенциите не се само финансиска помош, туку средства од кои зависи секојдневното производство. Гориво, репроматеријали, семенски материјали, ѓубрива, храна за добитокот-трошоците се акумулираат, а приходите не секогаш стигнуваат на време. Бараат и итна средба со премиерот за решавање на проблемот.
Доколку не се започне со исплата на заостанатите субвенции во рок од една недела, пелагониските земјоделци и сточари, најавуваат блокада на граничниот премин „Меџитлија“.
Александра Максимовска
