Трамп го засилува економскиот притисок врз Иран, Техеран поставува услови за Ормускиот теснец
Наместо голема воена офанзива, Трамп ќе го зголемува економскиот притисок врз Иран. Во интервјуто за Аксиос, шефот на Белата куќа не се служеше со вообичаената заканувачка реторика кон Техеран, иако исламската република постојано го одложува договорот со Оман за отворање на Ормускиот теснец. И покрај тоа што Трамп тврди дека Иран е соочен со голема инфлација и со економски проблеми, сепак, промената во пристапот се поврзува со информациите дека на Пентагон му снемува муниција.

Американскиот претседател Трамп го намалува значењето на повторното отворање на Ормускиот теснец, откако Техеран го одолговлекува договорот со Оман, поставувајќи нови услови. Наместо нова голема воена офанзива, Трамп сега најавува засилен економски притисок врз Исламската република. Шефот на Белата куќа, во интервју за „Аксиос“ оцени дека преговорите се одвиваат „половично“, а Иран се соочува со огромна инфлација и тешка економска криза.
„Само го гледаме Иран со неговата огромна инфлација и фактот дека немаат пари. Ќе се среди, секогаш се средува. Тоа е како шаховска игра.“, изјави Трамп за Аксиос.
Промената на пристапот на Вашингтон доаѓа по информациите дека Пентагон побарал зголемување на производството на муниција поради намалените залихи. Аналитичарите сметаат дека САД имаат сè помалку опции по шест месеци војна. И додека Трамп се обложува на економски притисок, Иран повторното отворање на Ормускиот теснец го условува со прекин на американската поморска блокада. Во меѓувреме, ненадејната смена во Техеран на шефот на Врховниот совет за национална безбедност ги засили шпекулациите за поделби во иранското раководство околу курсот на Иран во можните преговори со Вашингтон.
„Повторното отворање на Ормускиот теснец зависи од укинувањето на поморската блокада од страна на САД. Преговорите со Оман се одвиваат непречено и конструктивно. Во оваа фаза не се дискутирани никакви такси за бродовите што минуваат низ Протокот, но таксите „природно“ ќе се применуваат кога ќе се обезбедат поморски услуги“, изјави Есмаил Багаи -портпарол на министерството за надворешни работи на Иран.
Додека тензиите во регионот остануваат високи, Багеи предупреди дека регионалните земји не смеат да дозволат нивната територија да биде користена за американски напади врз Иран. Израел, пак, порача дека нема да дозволи Иран да дојде до нуклеарно оружје и дека нема да го прифати договорот за Газа без разоружување на Хамас. Во меѓувреме, Тел Авив повторно го нападна Либан и покрај примирјето, додека Хутите презедоа одговорност за нови напади во Јемен.
Бојана Крстевски
