41 предлог-проект на конечната приоритетна листа за јавни инвестиции
Проектите се од инфраструктурата, образованието, здравството, енергетиката, дигитализацијата, земјоделството и водостопанството, а листата ќе биде основа за планирање на новите капитални инвестиции во Буџетот за 2027 година.

Владата ја усвои првата конечна приоритетна листа за јавни инвестиции, која содржи 41 предлог-проект. Проектите се од инфраструктурата, образованието, здравството, енергетиката, дигитализацијата, земјоделството и водостопанството, а листата ќе биде основа за планирање на новите капитални инвестиции во Буџетот за 2027 година.
Листата е изготвена по предлог на Министерството за финансии и Комитетот за јавни инвестиции. Предлог-проектите најпрво биле подготвени и проверени од институциите што ги доставиле, а потоа оценети од Министерството за финансии и одобрени од Комитетот за јавни инвестиции.
Станува збор за проектни идеи со средна и голема вредност, односно над 5 милиони евра. Министерството за финансии ја проверувало комплетноста на документацијата, квалитетот на податоците, стратешката релевантност и подготвеноста на проектите за понатамошна разработка.
Од Министерството појаснуваат дека вклучувањето на проект на листата не значи автоматски и обезбедено финансирање или конечна одлука за реализација. Одлуката за финансирање ќе се носи во процесот на капитално буџетирање, во зависност од расположливите средства, зрелоста на проектот и приоритетите на Владата за соодветната фискална година.
Новата листа треба да овозможи посистематско, потранспарентно и поефикасно планирање и управување со капиталните инвестиции, во согласност со Реформската агенда 2024–2027.
