ГП Табановце

Долги колони, граѓаните трпеливи

10.08.2026 17:58

Сезоната на летните одмори во полн ек. На граничните премини колони до неколку километри. Иселениците се враќаат во државата, но уште поголем е бројот на патници кои транзитираат. Одморалишта по влезот во земјава речиси и да нема, единствено функционираат бензински станици.

Долги колони возила на граничниот премин Табановце, на македонско-српската граница. Редици за влез но и за излез од земјава. Вообичаена слика во летната сезона. Се враќаат иселениците, но многу поголем е бројот на туристите кои патуваат на летен одмор кон Охрид, но и на плажите кај јужниот сосед. Функционираат сите седум ленти. Иако температурите високи, патниците остануваат трпеливи.

И статистиката на Министерството за внатрешни работи потврдува значајна фреквенција на граѓани. Изминатиов викенд влегле над 10.000 Македонци. Бројот на странци е многу поголем, над 43.000.

„Во функција се ставени сите човечки и технички капацитети за да се забрза протокот на патници, се разбира со спроведување на задолжителните гранични проверки“, информираат од МВР.

Илјадници патници од Табановце влегуваат во Македонија и продолжуваат кон Грција, движејќи се по коридорот 10.

Од границата кон Куманово ја проверивме понудата за транзитните патници. Она што може да се констатира е дека и нема доволно уредени места на кои би можеле да застанат одморат, освежат или купат нешто без да губат многу време.

На автопатот единствено функционираат бензинските станици.

Германскиот ланец на маркети, кој се гради на автопатот, во близина на Куманово, би требало да стане можеби првата поголема шопинг и одморна точка за патниците кои влегуваат во земјава.

Елена Георгиевска