Скопје

И по 20 дена од силното невреме што го зафати Скопје, општините добиваат пријави за штети

10.08.2026 19:46

И по 20 дена од силното невреме со урагански ветер што го зафати Скопје, општините добиваат пријави за штети. Граѓаните, пак, реагираа дека дел од паднатите дрвја сè уште не се отстранети.

И по 20 дена од силното невреме кое го погоди Скопје, граѓаните сè уште бројат штети, а општините прават проценки. Дека бурата остави пустош зад себе, сведочат и дрвјата по скопските улици кои сè уште чекаат некој да ги собере.

Невремето со јачина на бура однесе покриви и фасади на згради и државни институции, уништи возила и инфраструктура. Последиците сè уште се санираат.

Граѓаните велат дека има уште да се работи, од надлежните побараа поголема ажурност во справувањето со последиците од невремето.

Градоначалниците велат дека комисии за проценка на штета работат, по што во координација со Владата ќе почне постапката за обесштетување. Првиот човек на Аеродром каде сè уште има многу паднати дрвја уверува дека се работи на терен.

Општина Центар беше една од најпогодените. Очекувањата се целата постапка за обесштетувањето да се заокружи за три месеци.

Во справувањето со последиците од невремето биле ангажирани повеќе од 1.000 луѓе. Освен во Скопје, штети имаше и во Куманово, Велес, Тетово, Струмица.

 

Борис Грујоски