Гостивар

Истрагата со питката вода во Гостивар е во напредна фаза

10.08.2026 17:12

Прибран голем дел од потребните докази, Финансиската полиција одзела документација, испитани се и дел од сведоците – Обвинителството со информации за случајот Гостивар...

Истрагата со питката вода во Гостивар е во напредна фаза. Досега се прибрани голем дел од доказите и сослушани се дел од сведоците, велат за МТВ од Обвинителството. Во случајот се вклучи и Финансиската полиција, која го „тресе“ проектот за водоснабдувањето на градот.

„Прибран е голем дел од потребните материјални докази и се врши анализа, а испитани се и дел од сведоците. Дополнително, по наредба на јавниот обвинител, Управата за финансиска полиција ја одзеде и ја прегледува документацијата поврзана со финансирањето и искористувањето на средствата од проектот за водоснабдување. Воедно се истражуваат и сите други аспекти на овој настан, како и наводите за претходни загадувања на водата.“-соопштија од Основно јавно обвинителство – Гостивар.

Социјалдемократите не чекаат. Сметаат дека не се прави доволно, па поднесоа кривична пријава против здравствените власти – министерот за здравство Клековски, директорката на ИЈЗ Андоновска, но и против првите луѓе на Центарот за јавно здравје – Тетово и Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

Од ВМРО – ДПМНЕ пак сметаат дека СДСМ не е во позиција да морализира. Велат, претходната власт со години добила извештаи дека водата во Гостивар не е за пиење, но не презеле ништо за да се реши проблемот. Од одговорот на Обвинителството се заклучува дека и овој аспект е под истрага.

Вода со цистерни и во пластични шишиња и натаму се дистрибуира низ Гостивар.

Водата од градскиот водовод и натаму е небезбедна за пиење и за приготвување храна поради присуство на бактерии. До кога, не се знае. Граѓаните може водата да ја користат само како техничка.

Анита Димитријевска - Велковска