Македонија

Жителите на Драчево стравуваат од западнонилската треска

10.08.2026 18:30

Драчево е меѓу местата каде што граѓаните се особено загрижени поради западнонилската треска. Иако е извршено вонредно прскање против комарци, жителите велат дека тоа не е доволно. На Инфективната клиника во моментов се хоспитализирани 16 пациенти со вирусот.

Убаво е да си прв, но не по број на заболени од западнонилска треска, велат жителите на Драчево. Пензионерката Васка Кралева вели дека надвор излегува само кога има потреба нешто да купи. Раскажува дека секоја година има комарци, ама оти вака порано не било.

Деновиве во Драчево беше извршено вонредно прскање, ама жителите сметаат дека тоа не е доволно зашто има роеви комарци. Локацијата на заразените комарци не може да се предвиди, па некои со први симптоми веднаш одат на Инфективна клиника.

Граѓаните се загрижени и внимателни-кога неколку дена не се чувствуваат добро, се обраќаат кај својот матичен лекар. Имало случаи кога некои пациенти кои неколку дена имале температура, анализите покаже дека не е во прашање западнонилска треска, додека имаат и пациенти кои во моментот се хоспитализирани на клиниката за инфективни болести.

Таму, според последните податоци има 16 пациенти со западнонилска треска. Сите хоспитализирани се над 60-годишна возраст. Тројца се во критична состојба, станува збор за пациенти со коморбидитети.

Според лекарите 80% од каснатите од инфициран комарец поминуваат без симптоми, 20% пројавуваат лесна клиничка слика, но кај поединци вирусот може да доведе и до смрт.

И додека едни се загрижени, други се во недоумица дали вирусот постои.

„Стварно! Прв пат слушам. Од кај оваа треска, ова пак како со короната, истото!“-вели еден граѓанин.

Наташа Јанчиќ-Менковски