Свет

Трка со времето во Колумбија: Спасувачите под урнатините бараат преживеани

11.08.2026 10:26

По катастрофалниот земјотрес од 7,4 степени по Рихтер, Колумбија се соочува со огромни разурнувања и црн биланс од над сто загинати. Спасувачките екипи работат без прекин, а надежта ја одржуваат и случаите на пронајдени преживеани.

Катастрофалниот земјотрес со јачина од 7,4 степени по Рихтер ја опустоши Колумбија. Над сто луѓе загинаа, стотици се повредени, а многумина сè уште се водат за исчезнати. Под урнатините непрекинато трае трката со времето – спасувачите и семејствата трагаат по преживеани. Стравувањата се дека црниот биланс дополнително ќе се зголемува.

„Наидовме на некој што викаше помош, за жал, операцијата за спасување траеше долго, кога го извлекоа тој веќе беше мртов. Но, пред само некој момент, рано утрово извлечено е живо девојче“, изјави Хозе Луис Лозано, локален жител.

Властите прогласија вонредна состојба. Се воведува и полициски час и се распоредуваат безбедносните сили за да се спречат грабежи.

„Првото нешто е спасувањето на луѓето заробени под урнатините. Ова е приоритет, да се спасат луѓето заробени под урнатините“, рече Абелардо де ла Есприела, претседател на Колумбија.

Епицентарот на земјотресот бил во близина на Сан Хозе дел Палмар, на околу 400 километри западно од Богота, а најтешко се погодени Переира, Кали, Кибдо и Манизалес. Илјадници објекти се оштетени или целосно урнати.

„Земјотресот беше страшен, се чинеше дека нема да заврши. Сè падна, сè се распука. Во зградата истекуваше вода. Кога се симнав видовме дека зградата до нас беше целосно урната“, изјави Сандра, жителка на оштетена зграда во Кали.

Земјотресот предизвика хаос и во воздушниот сообраќај. Неколку аеродроми привремено беа затворени, а стотици патници останаа блокирани поради откажани и одложени летови.

„Чекаме да ни обезбедат друг лет за Меделин наместо за Переира откако нашиот лет беше откажан.“

„Планиравме да патуваме за Переира и да останеме во Колумбија 15 дена, но мора да бараме алтернатива, земјотресот го наруши нашиот план.“

Земјотресот бил почувствуван и во соседството. Еквадор и Панама пријавија минимална материјална штета. Вашингтон најави 15,5 милиони долари итна помош за обезбедување засолништа, храна и други неопходни средства. Помош најавија и повеќе земји од Латинска Америка.

„Дадов наредба да се организира хуманитарна помош за испраќање во Колумбија, заедно со спасувачкиот тим“, рече Делси Родригез, в.д претседателка на Венецуела.

ЕУ го активираше сателитскиот систем „Коперник“ за да ги поддржи спасувачките операции.

„Веќе го мобилизиравме „Коперник“, нашиот сателитски систем, за да ги олесниме спасувачките операции. И подготвени сме да обезбедиме дополнителна помош“, објави Урсула фон Дер Лајен, претседателка на Европската комисија.

Очајната сцена потсети на пребарувањата што сè уште се во тек во соседна Венецуела, откако земјата беше опустошена од два силни земјотреси кон крајот на јуни во кои загинаа над 6.300 луѓе.

Бојана Крстевски