Костов и Созовска вечерва со барокен концерт во „Света Софија“
Концертот, кој ќе започне во 21 часот, ќе биде посветен на барокниот музички репертоар, а публиката ќе има можност да слушне дела од Бонпорти, Јохан Себастијан Бах, Вивалди, Зографски, Верачини, Скарлати и Бибер.

Еминентните македонски уметници, виолинистот Владимир Костов и чембалистката Цветанка Созовска, вечерва ќе настапат во црквата „Света Софија“ во рамки на музичката програма на 66. издание на фестивалот „Охридско лето“.
Концертот, кој ќе започне во 21 часот, ќе биде посветен на барокниот музички репертоар, а публиката ќе има можност да слушне дела од Бонпорти, Јохан Себастијан Бах, Вивалди, Зографски, Верачини, Скарлати и Бибер.
Цветанка Созовска повеќе од 20 години живее и работи во Хаг. По дипломирањето на Факултетот за музичка уметност во Скопје, образованието го продолжила на Кралскиот конзерваториум во Хаг, каде што специјализирала чембало и барокна музика. Денес е корепетитор на чембало на Одделот за историска изведба при Конзерваториумот во Утрехт и професор по чембало во Утрехтскиот центар за уметности, а предава и пијано во Интернационалното училиште во Хаг.
Созовска настапувала низ Европа и во Јужна Кореја, како солист, камерен и оркестарски музичар. Била член на Барокниот оркестар на Европската Унија и соработувала со реномирани музичари и диригенти.
Владимир Костов дипломирал и магистрирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Се усовршувал кај повеќе истакнати педагози и настапувал со Светскиот оркестар на Музичката младина, со кој реализирал турнеи во Европа, Америка и Азија.
Костов настапувал и со повеќе меѓународни оркестри и ансамбли, а од 2000 до 2004 година бил професор по виолина во Оркестарот на ЦЕИ.
Вечерашниот концерт во „Света Софија“ претставува средба на двајца македонски уметници со исклучително меѓународно искуство и барокниот репертоар, во амбиент кој е еден од симболите на музичкиот и духовниот живот на Охрид.
