ЕЦБ одобри траен пристап за Народната банка до ЕУРЕП
Народната банка доби траен пристап до зголемената репо-линија на Евросистемот – ЕУРЕП, со максимален износ од 50 милијарди евра. По завршувањето на техничкиот процес, инструментот ќе овозможи брз пристап до девизна ликвидност и ќе ја зајакне заштитната мрежа на финансискиот систем во услови на евентуални надворешни шокови.

Европската централна банка ѝ одобри на Народната банка пристап до зголемената репо-линија на Евросистемот – ЕУРЕП, со максимален износ од 50 милијарди евра.
По завршувањето на техничкиот процес на приклучување, Народната банка ќе има брз пристап до девизна ликвидност, што ќе овозможи полесно справување со потенцијални шокови за финансирање и евентуално зголемена побарувачка за ликвидност во евра.
Од Народната банка посочуваат дека девизните резерви се на високо ниво и остануваат примарен заштитен механизам за одржување на макроекономската и финансиската стабилност. Сепак, пристапот до зголемената репо-линија дополнително ќе ја зајакне отпорноста на финансискиот систем и ќе обезбеди дополнителна заштита во услови на надворешни шокови и пазарни нарушувања.
Досега Народната банка имаше пристап до репо-линија на ЕЦБ во максимален износ од 400 милиони евра. Таа беше воспоставена за време на пандемијата на ковид-19 и последен пат беше продолжена до 31 јануари 2027 година.
За разлика од досегашната линија, ЕУРЕП е траен инструмент на Евросистемот, со значително поголем капацитет и поширок опфат. Неговата цел е да обезбеди постојан пристап до ликвидност во евра за централните банки и монетарните власти надвор од еврозоната.
Со одобрувањето на пристапот до ЕУРЕП, Европската централна банка ја потврдува посветеноста на обезбедување ликвидност во евра во периоди на пазарни предизвици, како и на поддршка на непреченото функционирање на финансиските пазари.
