Лоша сезона за зеленчукот
Лоша година-слаб квалитет-намален род. Вака изгледа состојбата со зеленчукот оваа есен. Но наместо штетите од невремето да ги бараат од осигурителните компании, повеќето земјоделци преку повисоките цени сакаат да го надополнат изгубеното. Осигурувањето на родот се уште не го сфаќаат како најсигурна заштита.

Зачестените поројни дождови ,поплавите и невремето проследено со врнежи од град го намалија родот, но и квалитетот на пиперот и доматот. Земјоделците се жалат дека пиперот бил подложен на болести, не можел да узрее, а доматите од премногу вода гнијат и скапуваат. Родот на пиперот годинава е повеќе од двојно намален, велат тие.
„Временските услови беа непогодни за земјоделците, особено за пиперот. Многу е слаб родот, немаме многу за продажб.“
„Продавам везен пипер и капија, се бараат, но ги нема. Везениот не можеме да го собереме од нивите полни се со вода и пиперот скапува“, велат земјоделците од кумановскиот регион.
Лошата година за градинарското производство, ја намали и понудата на пазарот, а со тоа се очекува и цените да скокнат. Капијата е најбарана и се движи од 25 до 30 денари за килограм се очекува да се зголеми, а доматите и се продаваат до 50 денари.
„Скап е пиперот ова сезона, а може да биде и поскап.“
„Високи се цените, но сепак ќе купиме онолку колку што ни дозволува буџетот.“
„Сега за сега гледам дека има пипер и со оглед на трошоците на земјделците не е скап“, коментираат граѓаните кои пазареа за зимниците.
Употребата на алтернативни мерки за заштита на производството препорачуваат експертите, но исто така и осигурување на посевите со што би ги санирале настанатите штети.
„Осигурувањето на производството е најсигигурен начин за земјоделците. Значи 40% тие си даваат учество во некоја осигурителна компанија, а 60% му ги покрива државата. Оние кои го осигурале имотот, со овие средства би си ги повратиле парите што ги имаат загубено“, вели Живка Наумова агроном-инженер и координатор на регионалната канцеларија на Агенција потикнување и развој на земјоделството.
На куманоскиот пазар најбаран е пиперот од регионот од селата Студена бара и Пчиња но оваа сезона на пазарот го има во мали количини.
Но колку и да се скапи пиперките и доматите, домаќинките не можат да ја замислат зимата без традиционалните ајвар и лутеница.
Габриела Димковиќ
