Краставицата – едноставен зеленчук кој го хидрира организмот во летните горештини
Краставицата содржи околу 95 до 96 проценти вода, поради што влегува меѓу намирниците со најмногу течности.

Во текот на летните горештини за да се разладиме најчесто првото нешто што ќе ни дојде да го направиме е да се напиеме вода, меѓутоа постојат и одредени намирници кои можат да ни помогнат во хидрирањето на високи температури.
Меѓу нив посебно се издвојува краставицата – едноставен и лесно достапен зеленчук кој е идеален избор за топлите денови.
Краставицата содржи околу 95 до 96 проценти вода, поради што влегува меѓу намирниците со најмногу течности. Токму поради тоа претставува одличен избор за време на високите температури, кога човечкиот организам преку потење губи повеќе течности.
Покрај тоа што помага при хидрирањето, краставицата содржи многу малку калории, па е погодна за лесни летни оброци, салати и ужина.
Најдобар избор се домашните, сезонски краставици, препознатливи по цврстата кора и интензивната зелена боја. Се препорачува да се чуваат во фрижидер, но добро е да се извадат на собна температура десетина минути пред консумирање за нивниот вкус да биде поизразен.
