„Џез-вечери“ од 13 до 16 август во рамки на „Охридско лето“
Програмата ќе биде отворена на 13 август во црквата „Света Софија“, со концертна промоција на албумот „Orthodoxia Kai Thanatos“ на Крсте Роџевски, македонски пејач, гитарист и композитор,

Во рамки на фестивалот „Охридско лето“, од 13 до 16 август, ќе се одржи првото издание на „Џез-вечери“. Оваа манифестација ќе се реализира во амбиентот на црквата „Света Софија“ и на сцената на Долни Сарај.
Програмата предвидува шест концерти со настапи на музичари од САД, Германија, Грција, Гана, Холандија, Велика Британија и од Македонија. Меѓу изведувачите се и Крсте Роџевски, Дине Донеф трио, Нубаја Гарсија и „Kiioto“.
Програмата ќе биде отворена на 13 август во црквата „Света Софија“, со концертна промоција на албумот „Orthodoxia Kai Thanatos“ на Крсте Роџевски, македонски пејач, гитарист и композитор, кој е активен на авангардната „даунтаун“ сцена во Њујорк уште од неговата преселба во градот во доцните деведесетти години на минатиот век.
На концертот, Роџевски ќе настапи со Христијан Моневски и со Дамјан Палоски на вокален исон, како и со Андреа Мирческа и со Оливер Јосифовски на контрабас, во улога на инструментален исон.
Истата вечер ќе се одржи и концерт на Дине Донеф со неговото трио, во кое настапуваат Харис Ламбракис на неј и на оргули и Кирјакос Тапакис на уд. Дине Донеф (Костас Теодору) е композитор, контрабасист, мултиинструменталист, едукатор и автор со препознатлив музички јазик.
Финален концерт на „Џез вечери“, на 16 август ќе има британскиот состав „Kiioto“, оригинален музички проект на двете етаблирани музички имиња Лу Роудс и Роан Хит, кои носат современ и автентичен авторски пристап.
