Колумбија

Разорниот земјотрес од 7,4 степени по Рихтер ја опустоши Колумбија, над сто луѓе загинаа

11.08.2026 17:00

Трка со времето во Колумбија по разорниот земјотрес од 7,4 степени по Рихтер. Над сто луѓе ги загубија животите, стотици се повредени, а под урнатините сè уште се трага по преживеани. Властите прогласија вонредна состојба, градови се соочуваат со огромни штети, а спасувачите и семејствата не се откажуваат од потрагата. Светот се солидаризира, во земјата пристигнува меѓународна помош...

Катастрофалниот земјотрес со јачина од 7,4 степени по Рихтер ја опустоши Колумбија. Над сто луѓе загинаа, стотици се повредени, а многумина сè уште се водат за исчезнати. Под урнатините непрекинато трае трката со времето – спасувачите и семејствата трагаат по преживеани.

„Наидовме на некој што викаше помош, за жал кога го извлекоа тој веќе беше мртов. Но, пред само некој момент, рано утрово извлечено е живо девојче“, изјави Хозе Луис Лозано, локален жител.

Властите прогласија вонредна состојба. Се воведува и полициски час и се распоредуваат безбедносните сили за да се спречат грабежи.

„Првото нешто е спасувањето на луѓето заробени под урнатините. Ова е приоритет“, изјави Абелардо де ла Есприела, претседател на Колумбија.

Епицентарот на земјотресот бил во близина на Сан Хозе дел Палмар, на околу 400 километри западно од Богота, а најтешко се погодени Переира, Кали, Кибдо и Манизалес. Илјадници објекти се оштетни или целосно урнати.

„Земјотресот беше страшен, се чинеше дека нема да заврши. Сè падна, сè се распука. Во зградата истекуваше вода. Кога се симнав видовме дека зградата до нас беше целосно урната“, изјави Сандра, жителка на оштетена зграда во Кали.

Земјотресот предизвика хаос и во воздушниот сообраќај. Неколку аеродроми привремено беа затворени, а стотици патници останаа блокирани поради откажани и одложени летови.

„Чекаме да ни обезбедат друг лет за Меделин наместо за Переира откако нашиот лет беше откажан“, изјави патник.

„Планиравме да патуваме за Переира и да останеме во Колумбија 15 дена, но мора да бараме алтернатива, земјотресот го наруши нашиот план“, изјави патничка.

Земјотресот бил почувствуван и во соседството. Еквадор и Панама пријавија минимална материјална штета. Вашингтон најави 15,5 милиони долари итна помош за обезбедување засолништа, храна и други неопходни средства. Помош најавија и повеќе земји од Латинска Америка.

„Дадов наредба да се организира хуманитарна помош за испраќање во Колумбија, заедно со спасувачкиот тим“, изјави Делси Родригез, в.д претседателка на Венецуела.

ЕУ го активираше сателитскиот систем „Коперник“ за да ги поддржи спасувачките операции.

„Веќе го мобилизиравме „Коперник“, нашиот сателитски систем, за да ги олесниме спасувачките операции. И подготвени сме да обезбедиме дополнителна помош“, објави Урсула фон Дер Лајен, претседателка на Европската комисија.

Очајната сцена потсети на пребарувањата што сè уште се во тек во соседна Венецуела, откако земјата беше опустошена од два силни земјотреси кон крајот на јуни во кои загинаа над 6.300 луѓе.

 

Бојана Крстевски