САД

САД ја менуваат политиката за вакцинација

11.08.2026 16:19

Администрацијата на Доналд Трамп ја менува политиката за вакцинација на децата. Шефот на Белата куќа потпиша уредба за намалување на бројот на препорачани вакцини за новороденчиња од 17 на 11 и временскиот период помеѓу секоја од вакцините. Експерти изразија загриженост дека новите одредби може сериозно да го загрозат јавното здравје и велат декауверувањата на Трамп се косат со научните истражувања.

САД ја менуваат политиката за вакцинација, а здравството доби наредба да го подобри истражувањето за вакцините. Шефот на Белата Куќа потпиша уредба за намалување на бројот на препорачани вакцини за новороденчиња од 17 на 11. Наредбата се залага за одвојување на вакцината против мали сипаници, заушки и рубеола во три одделни дози. Вакцинацијата против болести како хепатитис Б, Ковид-19 и грип повеќе нема автоматски да се препорачува за сите деца.

„Америка препорача повеќе вакцини за деца од која било друга земја, па дури и двојно повеќе дози од некои европски земји. Во многу случаи, ни се потребни 72 вакцини за нашите убави, здрави, мили, нежни мали деца, вклучително и давање на вакцина против хепатитис Б на доенчиња и новороденчиња покрај многу други вакцини. Многу е важно што вакцините за хепатитис Б, КОВИД-19 и грип, меѓу другото, повеќе не се препорачуваат за сите деца.“, изјави Доналд Трамп-претседател на САД.

Новата уредба е со фокус на поголема заштита за родителите кои, од религиозни или медицински причини, не сакаат да ги вакцинираат своите деца. Експертите за јавно здравје изразија загриженост дека растојанието помеѓу вакцините, како што сугерира Трамп, може да доведе до зголемен ризик децата да се заразат со болест што може да се спречи со вакцина. Во меѓувреме, бројот на инфекции со сипаници во САД веќе достигна највисоко ниво во последните неколку децении.

„Зошто би направиле помалку, а не би ја дале вакцината веднаш кога знаеме дека е безбедна и дека делува? Препораката да се поделат е тоа што ќе ги исплаши луѓето, така што воопшто нема да ја примат вакцината. Затоа сме загрижени, јас сум загрижен за ненамерната последица од недоволно вакцинираните луѓе поради страв дека давањето единечна доза на МРП ќе го доведе нивното дете во опасност кога нема докази што укажуваат дека тоа е така.“, изјави Д-р Арон Милстоун – член на Комитетот за заразни болести.

Трамп одново ја изнесе и тезата за можна врска меѓу вакцинацијата и аутизмот, иако според Светската здравствена организација не постојат никакви докази за таква поврзаност.

„Потенцијалната врска помеѓу вакцините и аутизмот е проучена во над 40 добро дизајнирани, методолошки студии во над седум земји во кои учествувале над 5 милиони деца. Не сум сигурен дека има нешто што е толку темелно разгледано како ова прашање за тоа дали постои врска помеѓу аутизмот и вакцините, а одговорот е недвосмислено не. Ова е темелно проучувано во текот на долг временски период. И едноставно нема никаква врска тука.“, изјави Д-р Ендру Расин – претседател на Американската академија за педијатрија.

Слична промена на вакциналната политика во САД веќе беше привремено стопирана од Федерален суд во март, а голем дел од надлежностите поврзани со правилата за вакцинација се во рацете на сојузните држави.

Маријана Димовска