Топлотниот бран продолжува, апел за внимателност од пожари
Жешкиот бран продолжува, а температурите во делови од земјава надминуваат 40 степени. Од Институтот за јавно здравје препорачуваат внимателност и умерена разлика меѓу температурите во климатизираните простории и надворешната средина.

Иако снимаме точно напладне и сме под сенка, температурата покажува 35 степени. За жал тоа не е температурата која ние ја чувствуваме кога се возиме во автомобил или пак сме на отворено за да завршиме некоја обврска. Од Институтот за јавно здравје со препораки до граѓаните, климатизираните простории во домот да не бидат со преголема разлика од оние надвор.
И додека асфалтот гори, а сонцето немилосрдно пече, метеоролозите објаснуваат зошто не се прогласува црвена фаза кога живата на термометарот во текот на денот опасно се искачува и над четириесеттиот степен, а граѓаните буквално едвај дишат.
Жештините удираат, пожарите демнеат. Регистрирани се 23 за само едно деноноќие. Од Центарот за управување со кризи соопштија дека во моментов активни се два, еден е ставен под контрола, а 20 се целосно изгаснати.
Вниманието и одговорноста на секој граѓанин се клучни. Од ЦУК апелираат да не палат огнови на отворен простор и да не фрлаат отпушоци и запалив отпад во природа.
Александра Спировска
