Истекува рокот за обвинение против Груби
Ако до 22 август нема обвинение против Груби, тогаш екс вицепремиерот би можел да излезе од домашен притвор, од Обвинителството велат дека се свесни оти роковите притискаат, но одлука за обвинение до овој момент нема. Артан Груби на својот шеф, Али Ахмети му рекол дека чесно работел, а тој бил и причината Груби да се појави на граница и со лисици на рацете да биде приведен.

Лидерот на интегративците Али Ахмети побарал од неговиот сопартиец Артан Груби да се врати во земјава и да се соочи со одговорност доколку ја злоупотребил неговата доверба. За ова информираше самиот Ахмети, кој во гостување на приштинската телевизија 21 рече дека бара вистинска и неселективна правда, но и дека се надева оти Груби ќе излезе од домашен притвор, а истрагата за него ќе продолжи.
„Јас бев главниот поддржувач кој побара Артан Груби да се врати во Северна Македонија за да го преземе процесот. Му реков директно: „Ако си ја злоупотребил мојата доверба, одговарај за тоа“. Тој се заколна дека ќе работи чесно. И единствениот збор што ми го кажа беше: „Работев чесно“. И јавно побарав и вршев притисок врз локалната политика да го пуштат да излезе и да одговори. Но, не со селективна правда, туку сакам да се спроведе вистинска правда. И мислам дека работите одат добро, првото нешто е да се ослободи од домашен притвор и да видиме како ќе продолжи“, изјави Али Ахмети – претседател на ДУИ.
Артан Груби е на црната листа на САД, а постојат сомненија дека сторил кривични дела кои обвинителството треба да ги истражи, велат од ВРЕДИ и додаваат дека случајот со државната лотарија треба да добие институционален епилог.
Ако обвинителот не подигне обвинение против Груби до 22 август, тогаш екс вицепремиерот ќе излезе од домашен притвор. Од обвинителството велат дека се свесни оти роковите притискаат, но одлука за обвинение до овој момент нема.
„Јавниот обвинител постапува имајќи ги предвид законските рокови и определените мерки за обезбедување. По донесување јавнообвинителска одлука, јавноста ќе биде известена“, стои во соопштението од Јавното обвинителство.
Во февруари годинава, по 14 месеци во бегство Груби им се предаде на полицајците на граничниот премин Блаце. Откако неколку часа помина во ефективен притвор, беше одлучено да си оди дома. Груби, заедно со поранешниот директор на лотарија Прпарим Бајрами кој сè уште е недостапен на органите на прогонот се товарат за проневера на повеќе од 8 милиони евра.
