Транспортери

Трпение до 1-ви септември, или блокади на граница?

11.08.2026 18:09

Здруженијата на превозници од Западен Балкан ќе чекаат до 1-ви септември кога во Брисел е закажан состанок со претставници на Европската комисија од чиј исход ќе зависи дали ќе преминат кон протести. Тие од Скопје одржаа состанок по кој изјавија дека не сакаат да протестираат, но ако трајно не се реши проблемот ќе излезат на блокади.

Професионалните превозници заглавени во правилото 90/180 влез во Шенген-зоната, односно ЕУ и натаму нема решение за нив. Освен што се изложени на санкции, дел од возачите стравуваат дека би можеле да останат без работа и транзитирање низ Шенген-зоната. Затоа, во Скопје се сретнаа претставници на здруженијата на превозници од Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Целта е да договорат заеднички чекори кон европските институции и да побараат возачите да добијат посебен третман.

Превозниците треба да утврдат како заеднички ќе настапат пред Брисел и кои следни чекори ќе ги преземат ако статусот на професионалци не биде променет. Македонските превозници бараат преодно решение за спас од казните и „црните печати“ во пасошите.

Европската комисија уште во јануари најави поголема флексибилност за категории професионалци кои често патуваат, меѓу кои и возачите, но трајно решение нема. Поради ова, се најавуваат нови протести и можни блокади на гранични премини.

Незадоволството кулминираше во јануари, кога превозници од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора ги блокираа товарните терминали на повеќе гранични премини. Тие предупредија дека ограничувањето може да доведе до недостиг на возачи, поскап транспорт и сериозни проблеми за компаниите што превезуваат стока меѓу Западен Балкан и ЕУ.

Борис Грујоски