Македонија

Квалитетот на водата во Гостивар се подобрува, мерките продолжуваат

11.08.2026 17:37

Гостиварци во овие пеколни температури, продолжуваат со голготата за водата за пиење, која месец дена е забранета. Сè уште нема три последователно добри извештаи за да се тргне забраната. Дали ќе продолжи и кризната состојба во градот или конечно проблемот ќе се надмине и кога, никој со сигурност не може да каже. Но, она што е сигурно е дека партиите секојдневно ги вкрстуваат копјата...

Од главниот Кризен штаб велат дека резултатите од анализите, покажуваат, квалитетот на водата се подобрува. Додаваат, многу наскоро гостиварци ќе имаат безбедна вода за пиење. Се чека три последователни лабораториски анализи да потврдат дека е целосно исправна.

СДСМ предупредува на нова еколошка катастрофа. Дивите депонии во близина на изворот Рашче, од кој се снабдува Скопје и 25% од Македонија се директна закана за водата за пиење и за здравјето на граѓаните.

„Кој го дозволува овој еколошки геноцид? Кој дозволил ваква дива депонија да се создава во близина на изворот од кој се снабдува една четвртина од граѓаните во државата? Кој ќе одговара за овој ризик од загрозување на здравјето и животите на граѓаните? Цела држава ја отруја од неодговорност – 50 населени места во државава се со загадена вода а никој не понесува одговорност“, изјави Александар Саша Димитријевиќ.

Од ВМРО-ДПМНЕ очекуваат надлежните институции наскоро да ги преземат сите неопходни дејствија за ваквата состојба која е последица на децениска негрижа.

Во меѓувреме останува на сила забраната за користење на водата од гостиварскиот водовод за пиење и подготовка на храна за сите граѓани, угостителски објекти и оператори со храна.

 

Марина Стојанова Тонева