Сихенг Сонг со целовечерен концерт на „Охридско лето“
Сонг е добитник на награди на повеќе престижни меѓународни пијанистички натпревари, а во 2004 година станал првиот кинески победник на натпреварот „Лонг-Тибо“.
Фестивалот „Охридско лето“ продолжува со музичката програма и вечерва во катедралната црква „Света Софија“ ќе настапи кинескиот пијанист Сихенг Сонг. Целовечерниот концерт започнува во 21 часот.
Сихенг Сонг, роден во Шангај во 1981 година, се смета за еден од најзначајните пијанисти од својата генерација. Музичкото образование го стекнал во Франција, каде што дипломирал на Високата школа за музика во Париз, а студиите ги продолжил на Парискиот конзерваториум.
Сонг е добитник на награди на повеќе престижни меѓународни пијанистички натпревари, а во 2004 година станал првиот кинески победник на натпреварот „Лонг-Тибо“.
Неговите настапи го одвеле на големите светски сцени во Токио, Сеул, Пекинг, Шангај, Париз, Берлин и Њујорк. Како солист настапувал со бројни реномирани оркестри во Европа и Азија.
Од 2010 година развива и мултимедијален концертен концепт со кој ја поврзува класичната музика со театарот, литературата и визуелната уметност, со цел да ја доближи до современата публика.
На вечерашниот концерт во „Света Софија“ ќе бидат изведени дела од Дебиси, Моцарт, Шопен и Чен, како и авторски композиции на Сихенг Сонг.
