Трка со времето

Колумбија: 36 часа по земјотресот, спасувачите извлекуваат преживеани од урнатините

12.08.2026 11:07

Трка со времето во Колумбија по разорниот земјотрес. Спасувачите жива извлекоа 32-годишна жена, а во урнатините продолжува потрагата по други преживеани. Се стравува дека бројот на жртвите ќе расте.

36 часа по разорниот земјотрес во Колумбија, спасувачите жива извлекоа 32-годишна жена од под урнатините. Екипите се тркаат со времето, надевајќи се дека под бетонските блокови има уште преживеани.

Спасувачките акции во десетина градови продолжија и во утринските часови. Секоја минута е драгоцена.

„Моментално спасуваме двајца преживеани – маж и жена, двајцата на околу 36 години. Имаме околу два часа за да ги спасиме“, изјави Едуардо Оједа, спасувач.

Опасноста се наѕира и во зградите кои сè уште не се урнале, но можеби се на работ на тоа. Полицијата и спасувачките екипи одат од врата до врата да ги евакуираат жителите. Претседателот, кој го посети тешко погодениот град Переира, најави помош за семејствата чиишто домови се урнаа во катастрофата.

„Ми се скрши срцето кога поминав низ центарот на Переира и ги видов уништените објекти. Ќе обезбедиме тримесечно олеснување за сметките за комуналии и субвенции за кирија за оние кои ги загубиле домовите“, рече Абелардо Де Ла Есприела, претседател на Колумбија.

ОН предупредуваат дека последиците се поголеми од очекуваното.

„Обединетите нации се во близок контакт со колумбиските власти и ја поддржуваат реакцијата предводена од Владата. Влијанието на овој земјотрес е поголемо отколку што очекуваа“, изјави Фархан Хак, заменик-портпарол на ОН.

Светот испраќа воен персонал, спасувачи, лекари и итни резерви помош.

„Сите ја видовме ужасната трагедија што се случи. Ја испраќаме нашата целосна солидарност на колумбискиот народ, но и првата пратка од 12,5 тони хуманитарна помош“, изјави Кеико Фуџимори, претседателка на Перу.

„Испраќаме воени лица, вклучувајќи специјалисти за пребарување и спасување, тимови за водење кучиња, медицински персонал и лекари. Над 8 илјади пакети со храна се веќе подготвени да се товарат во авионите, 13.890 кошници со храна и четири метрички тони лекови“, изјави Рикардо Тревиља Трехо, министер за национална одбрана на Мексико.

Во силниот земјотрес што ја погоди земјата, стотици луѓе се загинати или повредени, а има и многу исчезнати.

Бојана Крстевски