Над 1.300 сообраќајни прекршоци за два дена, 32 лица лишени од слобода
Полицијата за два дена констатирала 1.322 сообраќајни прекршоци, од кои 400 се за пречекорување на дозволената брзина. Лишени од слобода се 32 лица поради безобѕирно управување со возило, а одземени се и 13 возила.

Во рамки на редовните сообраќајни контроли спроведени на патиштата низ државата на 10 и 11 август, полицијата издала вкупно 1.322 платни налози.
Од лицата лишени од слобода за безобѕирно управување со возило, три возеле под дејство на алкохол, 15 биле без возачка дозвола, а едно лице управувало возило и покрај претходно изречена забрана.
Во истиот период санкционирани се 302 случаи на неправилно паркирање, а 16 возачи биле санкционирани за управување под дејство на алкохол. Одземени се 13 возила согласно член 300-б од Кривичниот законик.
Полицијата санкционирала и 106 мотоциклисти кои не носеле заштитен шлем, како и 67 учесници во сообраќајот кои не користеле сигурносен појас.
Од сообраќај се отстранети осум нерегистрирани возила и две возила поради техничка неисправност, додека пет возачи се санкционирани поради непочитување на пропишаните услови за затемнување на стаклата.
Од МВР најавуваат дека сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови и апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата и прописите.
