Стомачните вируси го наполнија Инфективниот оддел во Кумановската болница
Освен дечиња, од стомачните вируси погодени и повозрасни. На дневно ниво Инфективниот оддел во Кумановската болница регистрира до сто пациенти. Лекарите со апел да се внимава на храната на овие високи температури, но и на хигиената…

Над сто пациенти дневно регистрира Инфективниот оддел во Кумановската болница. Деца но и повозрасни бараат помош поради стомачните вируси. Најчесто доаѓаат со симптоми како повраќање, дијареја, болки во стомакот и зголемена температура, карактеристични за овие инфекции. Но, повеќето сепак поминуваат со амбулантска терапија, а помал е бројот на хоспитализации, информираат од Одделението.
„Во последните два месеца во екот на летната сезона, со зголемување на температурите климатските промени секако имаат влијание, патувањата на луѓето, собирањето во поголеми групи се зголеми и бројот на нашите пациенти“, истакна докторка Валентина Џартовска, началничка на Инфективното одделение во Кумановската болница.
Дехидратацијата информираат е најмногу изразена кај децата. Апелираат да се внимава на личната хигиена, но и на производите.
„Убаво да се мијат, садовите и просторот во кој се подготвува храната сигурно, контакти да се избегнуваат блиски со болни или да се одржува хигиена по контакт со болен од цревна инфекција, миење убаво на производите, зеленчукот, овошјето“, дополни докторка Џартовска.
Најчесто како прв симптом се јавува повраќањето или дијареја.
Советот на лекарите е периодов да се конзумира полесна храна, повеќе течности но да се зема и пробиотик.
Елена Георгиевска
