Сообраќај

Мото-клубовите со апел за поголема едукација и одговорност за помалку трагедии на патиштата

12.08.2026 14:17

Возењето мотор е уживање, но бара максимална концентрација и одговорност. По серијата трагични сообраќајки, мото-клубовите апелираат на почитување на прописите, поголема едукација и заедничко барање решенија за проблемите на мотоциклистите.

Мото-клубовите со апел до мотоциклистите и мопедистите да се вклучуваат во нив за заедничка поголема едукација во чекор со времето. Освен тоа, многу подобро е кога заеднички ќе бидат лоцирани проблемите и решенијата за да се избегнат трагедиите што им се случуваат во сообраќајот.

Возењето мотор е уживање во патувањето, кое сепак бара голема одговорност. Една погрешна проценка, мало невнимание од неколку секунди е најчесто кобно за мотоциклистот. Последните жртви на скопските улици за жал беа на 18 и 19 годишна возраст. Статистиката на МВР покажува дека само во периодот од јануари до април годинава 12 мотоциклисти или мопедисти биле учесници во сообраќајни незгоди од кои едно лице починало.

„Во незгодите случени на подрачје на СВР Скопје, загинато е едно лице-возач на мотоцикл, со тешки телесни повреди се здобиле осум лица (од кои четири се велосипедисти и по двајца возачи на мотоцикл и електрични тротинети), а со телесни повреди се здобиле 20 лица“, велат од МВР.

Мора да се менува однесувањето на оние кои постојано се на две тркала. Почитување на прописите е неопходност инаку трагедиите се неизбежни, вели Богдан Ѓорѓески од мото-клуб Вепар.

Ѓорѓески гледа подобрување на состојбите со вклучување на мотоциклистите во мото клубовите, бидејќи таму заедно ќе се лоцираат проблемите и решенијата. А и едукацијата во чекор со времето, вели, е од врвно значење.

Ова е битно бидејќи не секоја трагедија со мотор е последица на однесувањето тој што го управува. Токму таков беше последниот случај на 7-ми август на патот Радишани – Побожје каде загина 19-годишниот мотоциклист Никола Макрачевски откако автомобил му го пресекол патот па за да го избегне тој директно се судрил со друго возило.

Фиљана Кока