Прогласена епидемија на западнонилска треска во делови од Скопје – регистрирани 26 случаи, едно лице почина
Во Скопје е прогласена епидемија на западнонилска треска во повеќе општини и населени места. Заклучно со 11 август се регистрирани 26 случаи, од кои 25 се од Скопје, а едно лице од Велес. Здравствените власти уверуваат дека нема место за паника, но апелираат на зголемена внимателност и почитување на мерките за заштита од комарци.

Центарот за јавно здравје Скопје прогласи епидемија на западнонилска треска во делови од Градот Скопје, по зголемениот број регистрирани случаи и активноста на вирусот.
Епидемијата ги опфаќа општините Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром, Бутел и Илинден, како и населбите Драчево, Пржино, Долно Лисиче, Кадино и Јурумлери.
Заклучно со 11 август, во земјава се регистрирани вкупно 26 случаи на западнонилска треска, од кои два се водат како веројатни. 25 од случаите се во Скопје, а еден во Велес. Најголем дел од заболените се лица постари од 60 години – вкупно 22.
Од Институтот за јавно здравје информираат дека станува збор за автохтони случаи, односно заразувањето се случило во земјава, со исклучок на едно лице кое патувало во Грција. Кај сите регистрирани случаи е утврдена невроинвазивна форма на заболувањето.
На Клиниката за инфективни болести во моментов се третираат пациентите, а четворица се водат како суспектни и кај нив е во тек дијагностичка постапка. Осум пациенти се испишани на домашно лекување. Од Клиниката информираат и дека починал 83-годишен пациент, кој, според лекарите, имал и други заболувања.
Заменик-министерот за здравство Јовица Андовски порача дека нема место за паника, но има потреба од внимателност и одговорност.
Здравствените власти апелираат граѓаните да преземаат мерки за лична заштита од комарци – да носат соодветна облека и, колку што е можно, да избегнуваат места каде што има поголема изложеност на комарци.
Министерството за здравство најави дека и натаму навремено и транспарентно ќе ја информира јавноста за сите промени во епидемиолошката состојба.
