Граѓаните да не отвораат лажни пораки, наводно испратени од „Безбеден град“
Лажни СМС пораки стигнуваат на телефоните на граѓани како известување од системот „Безбеден град“ во кои е наведен и лажен линк преку кој се насочуваат да извршат уплата за наводен сообраќаен прекршок. Да не се отвораат сомнителните линкови и да се пријават ваквите пораки до надлежните институции и банката, апел од МВР.

Вака изгледаат некои од лажните пораки, наводно испратени од Министерството за внатрешни работи или системот „Безбеден град“, со кои се бара од граѓаните да извршат уплати за непостоечки сообраќајни прекршоци. Измамниците најчесто користат странски телефонски оператори, а целата е кражба на лични банкарски податоци и пари.
Граѓаните да бидат внимателни и да не наседнуваат на овие пораки, кои периодов зачестено ги добиваат телефонски, преку електронска пошта или преку социјалните мрежи, апелира ресорното Министерство. Додаваат, при добивање на сомнителна порака, никако да не се отвораат сомнителни линкови и да не се внесуваат лични податоци, броеви на банкарски картички или лозинки.
Граѓаните со кои поразговаравме, велат дека знаат како да ја препознаат измамата, но сепак е потребна внимателност.
МВР презема активности за откривање на сторителите и нивно санкционирање. Во меѓувреме, се преземаат и дејствија за санкционирање на странските возачи кои направиле сообраќаен прекршок, регистриран од „Безбеден град“. При излез од Македонија, на граница ќе бидат информирани за прекршокот и ќе им биде дадена можност за плаќање на глобата или случајот ќе биде проследен до надлежниот суд, по брза постапка.
По Табановце, системот постепено ќе биде проширен и на останатите гранични премини.
Марија Котовска
