Загрижувачки тренд: Секој четврти тинејџер во Македонија се коцкал за пари
Коцкањето станува сè поприсутно меѓу младите. Истражувањето ЕСПАД 2024 покажува дека 25 отсто од учениците на возраст од 15 до 16 години се коцкале за пари, а кај момчињата уделот достигнува 34 отсто.

Дваесет и пет проценти од учениците на возраст од 15 до 16 години во Македонија се коцкале за пари во последните 12 месеци, покажува националното истражување ЕСПАД 2024. Меѓу момчињата уделот е 34 отсто, а кај девојчињата 16 отсто.
Истражувањето го објавија ХЕРА Млади и иницијативата „Фрли ја коцката!“ по повод Меѓународниот ден на младите. Особено загрижувачки е што проблематичното коцкање меѓу учениците се зголемило од 4,5 отсто во 2019 на 7,6 отсто во 2024 година.
Од организациите предупредуваат дека лесната достапност на казина, кладилници и онлајн платформи, како и агресивното рекламирање, го зголемуваат ризикот кај младите. Тие бараат построга контрола на објектите за игри на среќа и на нивното рекламирање, особено на интернет и социјалните мрежи.
Собранието на 29-ти јуни го усвои новиот Закон за игрите на среќа, со кој се предвидува казината и кладилниците да бидат оддалечени најмалку 500 метри од основните и средните училишта.
