Скопје

Водата во Скопје безбедна за пиење, надлежните институции истражуваат ширење дезинформации

12.08.2026 19:37

Водата од Скопскиот водовод е безбедна за пиење-уверуваат надлежните институции. По паниката и стравот кај граѓаните со непоткрепена порака на социјалните мрежи дека во неа има ешерихија коли, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски на прес-конференција заедно со надлежните од скопски водовод, категорично ги отфрли сите обвинувања и притоа испи чаша вода. Најави дека и МВР и обвинителството треба да реагираат. Веќе е повикано и едно лице на распит од чијшто профил биле испраќани пораки.

Со личен пример, градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски, се обиде да ги смири граѓаните кои беа вознемирени од веста на социјалните мрежи дека во водата од Скопскиот водовод е детектирана бактерија ешерихија коли.

Од Јавното претпријатие „Водовод и Канализација“ објаснуваат, дека дневно се прават 36 анализи на вода земена од различни локации, согласно протоколите.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство излегоа со соопштение дека во водата во Скопје нема бактерии.

„Како одговорна институција ја информираме јавноста дека АХВ до овој момент нема добиено известување од скопското јавно комунално претпријатие за незадоволителен резултат од лабораториско тестирање на водата за пиење, што е нивна законска обврска, врз основа на кое би била донесена и забрана за нејзина употреба. Граѓаните не треба да стравуваат. Водата од градскиот водовод во Скопје е безбедна за пиење и употреба“ – стои во соопштението од АХВ.

Во Инфективната клиника и Центарот за јавно здравје-Скопје не се евидентирани пациенти со здравствен проблем поради вода од скопскиот водовод.

Основното јавно обвинителство отвори предмет по допрен глас, ќе го истражуваат загадувањето со отпад во близина на изворот Рашче.

„Надлежен јавен обвинител ќе ги координира активностите на Државниот инспекторат за животна средина и надлежните инспекциски служби со цел да се извршат проверки во однос на потеклото на депонијата, како и можните последици. Доколку бидат утврдени елементи на кривично дело против животната средина и идентификувани сторители, Јавното обвинителство ќе постапи согласно надлежностите за кривичен прогон“, соопштија од ОЈО.

Градоначалникот Ѓорѓиевски очекува и МВР да се вклучи во истрагата за пуштањето на дезинформации дека водата од Скопскиот водовод е небезбедна. Секторот за компјутерски криминал во МВР презема активности за да ги открие профилите на лицата кои ширеле дезинформации и истите ќе бидат повикани на информативен разговор.

 

Наташа Јанчиќ-Менковски