Европа сведок на ретко целосно затемнување на Сонцето
Од Исланд и Гренланд, преку Шпанија, па сè до делови од Португалија, Месечината целосно го покри Сонцето, создавајќи редок небесен спектакл – прв ваков над континентална Европа по повеќе од две децении. Погледите вперени кон небото. Целосната фаза траеше само околу две минути, но глетката остави впечаток што ќе трае многу подолго. Во останатите делови на Европа, затемнувањето беше делумно, но не и помалку возбудливо.

За неколку минути, денот се претвори во ноќ. Месечината го скри Сонцето, а милиони луѓе низ Европа го вперија погледот кон небото.
Сенката на Месечината тргна од северна Русија, помина над Гренланд, Исланд и Атлантскиот Океан, за да стигне до Шпанија и мал дел од Португалија. Кај Исланд, целосната фаза траеше повеќе од две минути. Во Шпанија, спектаклот особено драматичен. Целосното затемнување се случи непосредно пред зајдисонце – Сонцето исчезна, а околу затемнетиот диск се појави блескавата корона.
„Гледајќи го ефектот на сенката на Земјата, која беше видлива од двете страни, заедно со сенката фрлена од Месечината, беше неверојатно. Навистина незаборавен момент.“
„Не знаев што да очекувам, но беше неверојатно.“
„Тоа е искуство што не може да се објасни. Едноставно не може да се објасни. Мора сами да го доживеете.“
Само мал дел од Португалија се најде во патеката на целосното затемнување. Во останатите делови на Европа, Сонцето беше делумно покриено, но спектаклот не помина незабележано.
„Мислам дека беше забавно искуство. Последниот пат кога се случи целосно затемнување на Сонцето беше доста одамна.“
„Не се стемни како што се стемнува на некои места, но се стемни и успеавме добро да го видиме.“
Во Рим, пак, небото и историјата се споија во една сцена.
„Можноста да го фатиме и најмалиот дел од затемнувањето зад Колосеумот, со таа заднина, беше едноставно фантастично.“
Од различни делови на Европа, реакциите исти – воодушевување, неверување и моменти во кои погледот едноставно остана вперен кон небото.
„Импресивно. Навистина одлично, подобро отколку што очекував.“
Небесниот спектакл ќе има продолжение – во август 2027 година, целосното затемнување повторно ќе биде видливо од Шпанија, но и од делови на Северна Африка и Блискиот Исток.
Бојана Крстевски
