Култура

Џез вечери на „Охридско лето“ со шест концерти

13.08.2026 10:53

Шест концерти на реномирани домашни и странски џез музичари од вечерва до 16 август ќе се одржат во рамките на новата програмска целина „Џез вечери“ на фестивалот „Охридско лето“. Концертите ќе се одржуваат во црквата „Света Софија“, нејзиното предворје и на Долни Сарај.

Првото издание на „Џез вечерите“ почнува вечерва со два концерта. Од 20 часот во црквата „Света Софија“ ќе настапи македонскиот пејач, гитарист и композитор Крсте Роџевски, кој е активен на авангардната „даунтаун“ сцена во Њујорк. Концертот е промоција на неговиот албум „Orthodoxia Kai Thanatos“.

Од 21:30 часот во Предворјето на „Света Софија“ ќе настапи „Дине Донеф трио“, во состав Костас Теодору, Харис Ламбракис и Кирјакос Тапакис.

Утре од 21 часот на Долни Сарај е концертот на Националниот џез оркестар со програмата „Македонски сновиденија“, под диригентската управа на Владимир Николов. Како специјален гостин ќе настапи западноафриканскиот трубач со потекло од Гана, Питер Сомуа, кој живее и работи во Холандија.

На 15 август, повторно на Долни Сарај, од 20 часот ќе настапи Питер Сомуа со својот бенд, а од 21:30 часот следува концертот на британската саксофонистка и композиторка Нубаја Гарсија.

„Џез вечерите“ завршуваат на 16 август со настапот на британскиот состав „Kiioto“, предводен од музичарите Лу Роудс и Роан Хит. Концертот на Долни Сарај почнува во 21 часот.

Од „Охридско лето“ информираат дека во вечерите со по два концерта, влезницата купена за конкретниот датум важи за двата музички настани.