Прва девојка во Македонија обучена за спасување во пештери
Професија спасувач во пештери. Прилепчанката Aлександра Славкоска има само 20 години а е еден од десетте квалификувани спасувачи и единствена девојка која со сертификатот се стекнала меѓународен камп за спасување на кој учествувале спелеолози од девет држави.

Дваесет годишната Александра Славкоска од Прилеп е првата девојка во Македонија која е обучена за спасување во пештери. За да куриозитетот биде поголем, само 10 луѓе во Македонија го имаат поминато овој тренинг. Таа обуката ја заврши пред неколку денови на меѓународниот камп кој се организирал во Србија. Со спелеологија се занимава 2 години, а процесот на спасување бил ново искуство за неа.
„Процесот се одвива со посебни техники кои што треба добро да ги научиме и знаеме. Ризично е извлекувањето ако доволно добро не се познава техниката на извлекување, тоа може да биде опасно, не само за тој што се наоѓа во незгода туку и самиот спасувач“, истакна, Александра Славкоска, спелеолог.
Славкоска е член на клубот Златоврв од Прилеп, преку кој заминала на семинарот.
„Треба прво да се знае каква медицинска помош треба да му се пружи на тој што е повреден, па потоа следува и техниката за спасување. Ова мое искуство освен во пештерите може да се примени и таму каде што има урнатини, поплави и други елементарни непогоди“, рече Александра Славкоска, спелеолог.
Обуката за спасување во пештери е дел од иницијативата и превенцијата од катастрофи, за Југоисточна Европа, чиј потписник е и Македонија.
Во Македонија оваа обука ја имаат поминато само 10 спелеолози, но за жал не постои единица за спасување во пештери, за чија што пак потреба апелираат, спелеолозите.
„Тие 10 спелеолози се самостојно обучени и кај нас нема организирана единица за спасување во пештери, доволно е да се случи само една несреќа, па да се види колкава е потребата од тоа“, вели Марјан Темоски, спелеолог.
Потребата од оваа единица се зголемува и со се поинтензивниот развој на пештерскиот туризам кај нас.
Дарко Штаргоски
