СЗО

СЗО контра Трамп: Препораките за вакцинација се темелат на научни докази

13.08.2026 20:17

Реакцијата доаѓа откако американскиот претседател Доналд Трамп со извршна наредба побара преиспитување на календарот, вклучително и можноста вакцините против мали сипаници, заушки и рубеола да се даваат одделно.

Светската здравствена организација (СЗО) со остри критики за плановите на Вашингтон за промена на детскиот календар за вакцинација. Предупредуваат дека одложувањето или раздвојувањето на вакцините може да ги остави децата незаштитени и порачаа дека вакциналните политики мора да се темелат на научни докази, а не на политички влијанија.

Реакцијата доаѓа откако американскиот претседател Доналд Трамп со извршна наредба побара преиспитување на календарот, вклучително и можноста вакцините против мали сипаници, заушки и рубеола да се даваат одделно.

„Сегашните докази се недвосмислени. Вакцините, вклучително и ММР вакцината, се безбедни и не предизвикуваат аутизам. Одложувањето на вакцините или непотребното одвојување на дозите може да ги остави децата незаштитени.Политиката за вакцинација треба да се темели на научни докази, а не на политички влијанија“, изјави Тедрос Аданом Гебрејесус, генералниот директор на СЗО. 

Експертите стравуваат дека промените би можеле да создадат дополнителна конфузија и да го зголемат двоумењето околу вакцинацијата. Предупредувањата доаѓаат во период на зголемен број случаи на мали сипаници и пад на стапките на детска вакцинација во САД.