Одбележан Меѓународниот ден на младите

Наградени младите кои придонесуваат за позитивни промени во заедницата

13.08.2026 12:05

По повод Меѓународниот ден на младите, синоќа беа доделени Наградите за младинско учество за 2026 година. Признанијата ги добија млади, младински организации и поединци кои преку активизам, иницијативи и посветеност придонесуваат за позитивни промени во заедницата.

Министерството за социјална политика, демографија и млади, во партнерство со Националниот младински совет на Македонија, Мисијата на ОБСЕ во Скопје и УНДП, ги додели Наградите за младинско учество за 2026 година.

Во категоријата за младински и чадор организации наградата ја доби здружението „Млади од семејна разновидност“, за придонесот во создавање поинклузивно општество и поддршката за младите од различни семејни средини.

Наградата во категоријата „Неформални групи на млади“ им припадна на „Зелени Пионери“ од Битола, кои преку иницијативите „Еко Розе“ и „Еко Виа“ работат на повторна употреба и рециклирање отпад, а нивните активности опфатиле повеќе од 450 млади лица.

За првпат годинава беше доделено и признание за „Службеници за млади“, кое го доби Владимир Смилевски од Општина Велес.

Добитник на индивидуалната награда, посветена на младите и безбедноста, е Андреј Рајатоски, за придонес кон превенција на насилството, поврзување на заедниците и создавање побезбедни и покохезивни средини.

Министерот Ѓоко Велковски порача дека младите не треба да се гледаат само како иднина на општеството, туку како негов активен дел денес. Од Националниот младински совет, пак, беше истакнат предизвикот младинското учество да премине од формално во суштинско, односно идеите на младите да се одразат во политиките, одлуките и буџетите.

Од ОБСЕ и УНДП порачаа дека младите се важни партнери во градењето мир, безбедност и инклузивно општество.