Високо образование

УКИМ: Над 8.800 места за бруцоши, првиот уписен рок е на 18 и 19 август

13.08.2026 12:31

Најголемиот државен универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје го отвора првиот уписен рок за академската 2026/2027 година. На 23 факултети има вкупно 8.851 слободно место, а пријавувањето е на 18 и 19 август.

Идните студенти на УКИМ ќе можат да конкурираат за 8.851 слободно место во новата академска година, која почнува на 1 октомври. Од вкупниот број места, 4.395 се наменети за редовни студенти кои се финансираат од државниот буџет, 3.621 за редовни студенти со кофинансирање на студиите и 835 за вонредни студенти.

Најмногу места има на Медицинскиот факултет – 950, Филолошкиот – 805, ФИНКИ – 800, Филозофскиот – 635, Природно-математичкиот – 626, ФЕИТ и Машинскиот по 600, Економскиот – 655 и Правниот факултет – 555.

За студентите во државна квота надоместокот за студирање изнесува 200 евра во денарска противвредност, додека студентите во квотата за кофинансирање и вонредните студенти плаќаат 400 евра.

Кандидатите пред пријавувањето треба да се регистрираат на upisi.ukim.mk и да ја пополнат електронската пријава преку iKnow-системот. Пријавувањето потоа се врши во службата за студентски прашања на избраниот факултет.

Конечната ранг-листа од првиот уписен рок ќе биде објавена на 27 август, а запишувањето на примените кандидати ќе се врши на 3 и 4 септември.

Вториот уписен рок е на 10 и 11 септември, а третиот на 23 септември, на факултетите каде што ќе останат слободни места.

Во конкурсот се наведени условите и критериумите за упис, потребната документација, начинот на селекција и начинот на пресметување на поените од средношколскиот успех и државната, стручната или уметничката матура.