Две лица од Кичево во притвор поради пронајдена дрога
Две лица од Кичево се лишени од слобода откако полицијата пронашла пакување со бела прашкаста материја во кичевското село Србјани. По поднесена кривична пријава, на двајцата им е определен 30-дневен притвор.

Како што информира МВР, на 11 август во 21:30 часот полициски службеници од ОВР Кичево дале знак за запирање на патничко возило „пежо“, управувано од 43-годишниот И.Б., а сопатник бил 29-годишниот А.Л., двајцата од Кичево.
При запирањето, лицата од прозорецот на возилото фрлиле пакување со бела прашкаста материја, кое било пронајдено и одземено.
Дополнително било утврдено дека возачот го управувал возилото иако имал активна забрана за управување со моторно возило од Б категорија. По наредба на јавен обвинител, возилото било одземено.
ОВР Кичево поднело кривична пријава до ОЈО Кичево. Судија на претходна постапка од Основниот суд Кичево определил мерка притвор во траење од 30 дена, по што двајцата биле спроведени во затворот во Битола.
