25 години Охридски договор: Сали и Николоски со порака за меѓуетничко партнерство
Охридскиот рамковен договор не е само историски документ, туку и политичка насока за институциите и механизам за стабилност, порачаа вицепремиерите Беким Сали и Александар Николоски. Тие ја истакнаа важноста од дијалогот, меѓусебното почитување и зачувувањето на меѓуетничкото партнерство.

Охридскиот рамковен договор не треба да се гледа само како историски документ, туку како жив механизам на уставниот поредок и како политичка насока за институциите на земјата.
Научивме дека стабилноста не е случајност, таа се гради преку компромиси, почитување на договорите, довербата и почитување на различностите – истакна во својот говор во Владата, првиот вицепремиер Беким Сали.
Вицепремиерот Александар Николоски пак истакна дека пред четврт век Македонија избра да тргне по патот на дијалогот и меѓусебното почитување. Охридскиот договор е поглавје од кое научивме да живееме заедно, и ни остави обврска да оставиме просперитетна држава на идните генерации.
Зачувувањето на меѓуетничкото партнерство е стратешки интерес на Македонија.
„Нека биде овој јубилеј не само потсетување на она што го постигнавме, туку и заложба за она што треба да го изградиме“-заклучија вицепремиерите Сали и Николоски.
Миле А. Ристески
