Македонија

Соживотот и Охридскиот рамковен договор во фокусот на посетата на Давкова во Струга

13.08.2026 19:51

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска од Струга порача дека договорот не е само политички документ, туку вредност што се потврдува во секојдневниот живот. Во фокусот на посетата беа и заштитата на Охридскиот Регион и обврските кон УНЕСКО, но и иднината на Струшките вечери на поезијата.

Соживотот и значењето на Охридскиот рамковен договор беа во фокусот на денешната посета на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на Струга. Од градот кој со децении важи за пример за заедничко живеење на различни етнички и верски заедници, претседателката порача дека вистинското значење на договорот се гледа во реалниот живот.

На средбата со градоначалникот Ќура се разговараше и за предизвиците поврзани со заштитата на Охридскиот Регион и обврските кон УНЕСКО.

„Значи не можеме тука без соработка да направиме нешто што е неопходно за да си го заштитиме и регионот и Струга, и Охрид, ама и статусот. Бидејќи многу значи. Тука се, разбира, зборувавме и за неопходната соработка со Албанија, но исто така и за чекорите кои ги презеде Албанија, бидејќи некогаш бевме ние понапред, но сега тие презедоа некои радикални мерки и сите лекции се научени. Значи мораме и во соработка, бидејќи не случајно езерото не обединува, нели не треба да не разединува“, истакна претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

„Разговаравме за Охридскиот рамковен договор, кој е еден од начините за соживот во Северна Македонија. Исто така, разговаравме повеќе за УНЕСКО, за тоа да бидеме посериозни и да сфатиме колку е сериозна работата, како и за тоа како во овие пет години да ги решиме проблемите, односно да ги спроведеме насоките што ни ги дава УНЕСКО, бидејќи ние сме тие што треба да ги реализираме“, изјави градоначалникот на Струга, Менди Ќура.

Давкова го посети и фестивалот Струшки вечери на поезијата, при што ја изрази својата загриженост за предлогот фестивалот наместо Национална установа да премине во одделение под Министерството за култура.

„Вие сега наместо да го поткрепите, да го поддржите, зашто тоа го заслужува, да го сведете на дел од бирократијата, на дел од организацијата, мислам дека е длабоко неразбирање на улогата, на меморијата, на успесите, на она што е сторено. Страшно е да дојде тоа од некоја институција што не разбира што е култура, ама да дојде од Министерство за култура, навистина е за мене целосно неразбирливо“, рече Давкова.

„Станува збор за предлог кој, за среќа, не помина на комисиска расправа. Меѓутоа, го чувствуваме како сериозен удар, не само врз нашата институција, туку и многу пошироко, особено во овој момент кога се соочуваме со низа непријатности во поглед на оспорувањето на идентитетот, културата и јазикот“, изјави Никола Кукунеш, директор на фестивалот Струшки вечери на поезијата.

Пораката на денешната посета на Давкова во Струга, по повод 25 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, е дека соживотот не е само обврска запишана во документ, туку вредност што се гради и потврдува во секојдневниот живот.

Соња Рилковска