Мицкоски: Рамковниот договор е дел од нашата политичка и институционална реалност
Премиерот Христијан Мицкоски по повод 25-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор порача дека кон документот треба да се гледа со зрелост и одговорност кон иднината. Според него, политиката треба помалку да се занимава со поделбите, а повеќе со прашањата што ги засегаат сите граѓани.

Охридскиот рамковен договор е дел од поновата историја и од политичката и институционалната реалност на државата, порача премиерот Христијан Мицкоски по повод 25 години од неговото потпишување.
Во објава на Фејсбук, Мицкоски вели дека договорот различно се доживува и толкува меѓу граѓаните, но дека историјата не треба да се приспособува на дневната политика.
Според премиерот, од минатото треба да се извлекуваат поуки и да се гради држава во која различностите нема да бидат причина за поделби, туку реалност со која мудро и одговорно ќе се управува во рамките на институциите.
Мицкоски посочува дека денешните генерации очекуваат функционални институции, еднаквост пред законите, квалитетно образование, подобро здравство, повисок животен стандард и економски развој.
Тој оценува дека токму околу овие прашања треба да се обединуваат граѓаните, без оглед на етничката, верската или политичката припадност.
„Време е политиката сè помалку да се занимава со тоа што нè разделува, а многу повеќе со она што заеднички треба да го изградиме“, наведува Мицкоски.
Премиерот додава дека на Македонија ѝ е потребно општество во кое вредноста на човекот ќе се мери според знаењето, трудот, чесноста и придонесот кон заедницата, а не според потеклото.
„Минатото не можеме да го промениме, но можеме да одлучиме каква иднина ќе изградиме“, пишува Мицкоски, додавајќи дека иднината треба да биде ослободена од етнички тензии, политички манипулации и поделби.
Според него, потребни се работа, развој, ред, меѓусебна почит и силни институции, со цел на идните генерации да им се остави Македонија постабилна, поуспешна и поправедна.
