МВР

МВР истражува кој ширел лажни информации за скопската вода

13.08.2026 17:25

По лажните тврдења на социјалните мрежи дека во водата од скопскиот водовод има ешерихија коли, неколкумина повикани во МВР на информативен разговор. Оттаму соопштуваат дека сè уште се во тек истражни дејствија. Надлежните уверуваат дека водата од скопскиот водовод е безбедна за пиење, но дезинформациите си го направија своето, предизвикаа паника и страв кај граѓаните.

Повеќе луѓе завршија во станица на распит бидејќи ширеле дезинформации за бактерија во скопската вода. Кривично или прекршочно, засега не се знае дали и како ќе одговараат. Од МВР не соопштуваат многу. Велат активиран е секторот за компјутерски криминал кој ги лови профилите што споделувале неточни информации, а повеќе ќе кажат штом завршат сослушувањата.

„Ве известуваме дека Секторот за компјутерски криминал при МВР презема соодветни мерки и активности, се утврдуваат профилите на лицата и истите ќе бидат повикани на информативен разговор.“ – соопштија од МВР.

На стендбај е и Обвинителството. Оттаму чекаат МВР да ги заврши иницијалните проверки и да се утврди дали има основа за кривичен прогон. Комуникологот Сеад Џигал за МТВ објаснува: во случаи како овој – важна е брзата реакција на надлежните, што и се случи. Тој укажува и на важноста за проверка на информациите, со акцент на евентуалната политичка заднина, но и да се работи на кревање на свесноста за штетните последици што ги носат лажните вести. Сепак, на ова поднебје, важна улога игра и менталитетот.

По објавата на извесна Анета на социјалните мрежи дека наводно од сигурни извори добила информација дека водата во скопскиот водовод е загадена со бактеријата ешерихија коли, граѓани почнаа масовно да купуваат флаширана вода, а се вжештија и линиите на лекарите со прашања дали е тоа точно. Но, здравствените и локалните власти експресно ја демантираа информацијата и порачаа дека водата во Скопје е безбедна за пиење.

 

Викторија Милевска