Најтежок ден во сезоната на пожари, огнот сè уште се шири во Студеничани
ДЗС вчера го регистрирала најтешкиот ден во досегашната сезона на пожари. Во атарот на Рамно Габер пожарникарите цела ноќ се бореле со огнената стихија, а пожар има и кај Драговдол во Македонски Брод. Од ДЗС очекуваат пожарот да биде ставен под контрола во текот на денот.
Огнената стихија којашто цела ноќ се обидуваа да ја изгаснат, сè уште не е изгасена од противпожарната бригада. Се наоѓа во Општина Студеничани, во атарот на селото Рамно Габер.
Ниту трите ер-трактори во текот на ноќта не успеале да ја стават под контрола огнената стихија. Од ДЗС велат дека вчерашниот ден бил најтежок во оваа сезона на пожари.
Градоначалникот на Општина Студеничани вели дека пожарот почнал во село Морани, а се проширил кон атарот на село Рамно Габер.
Комплексен пожар има и на територијата на Македонски брод во атарот на село Драговдол. Од ДЗС информираат дека поради специфичноста на теренот, не помогнале ниту ер тракторите, доброволни пожарникари и оперативци на дирекцијата го гаснеле искачувајќи се на карпест предел, успевајќи да изгаснат поголем дел од еден крак на огнената стихија.
Првиот човек на ДЗС е оптимист дека пожарот ќе биде ставен под контрола во текот на денов.
Александра Спировска
