Уапсениот општински функционер во Куманово барал мито за да спречи рушење на дивоградба

28.09.2014 18:08

Откако инспекторите за урбанизам на лице место утврдиле дека мора да ја срамнат со земја доградбата на нивен сограѓанин, 38 годишниот Божиновски ја искористил незавидната позиција на човекот, па му ветил дека за пари ќе му го сочува домот...

Нема да ти се урне дивоградбата ако ми дадеш 1000 евра. Поткуп побарал шефот на правниците од општина Куманово Виктор Божиновски. Откако инспекторите за урбанизам на лице место утврдиле дека мора да ја срамнат со земја доградбата на нивен сограѓанин, 38 годишниот Божиновски ја искористил незавидната позиција на човекот, па му ветил дека за пари ќе му го сочува домот. Најден во тесно кумановецот платил 600 евра, но кога по една недела Божиновски почнал тефонски да му досадува за преостанатиот износ, за бараното мито била известена и полицијата.

„Телефонски била договорена средба во угостителски објект во Куманово, ги примил паричните средства во износ од 24 илјади денари, коишто претходно беа технички обработени. По извршениот претрес на лицето и патничкото возило пронајдени се и одземени претходно технички обработените 24 илјади денари, а осомничениот беше приведен и задржан во полициската станица во Куманово“, рече Иво Котевски, помошник министер за односи со јавност во МВР.

Божиновски, кој е близок соработник на градоначалникот Зоран Дамјановски, е поранешен директор на кумановски Водовод. Беше осомничен дека во период од три години низ градските кафеани изел и испил 100 илјади евра или нешто помалку од 100 евра дневно. За гозбата не плаќал, но затоа на кафеанџиите им ги простувал долговите за неплатена вода и така ја оштетил државата. За овој скандал надалеку се слушна, а српските медиуми пишуваа дека и Македонија го има својот Сречко Шоиќ. За јадењето на државна сметка Божиновски куртули од притвор, и се уште нема правосилна судска пресуда.

Анита Димитријевска