Ангелов: Вчера најтежок ден во сезоната на пожари, активни шест пожари
Вчерашниот ден бил најтежок во оваа сезона на пожари од аспект на загрозеност на населени места, со два особено алармантни пожари во Богомила и Пелагонија, изјави директорот на ДЗС Стојанче Ангелов. Од над 40 пожари на отворено, во моментов активни се шест, но не загрозуваат населени места.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, во видеоизјава оцени дека вчера бил најтежок ден во досегашниот дел од сезоната на пожари, особено поради опасноста за населените места.
Најкритично било во селото Богомила во општина Чашка, каде што огнот се приближил до првите куќи, како и во пелагониските села Ивањевци, Лознани и Новоселани.
Според Ангелов, во текот на вчерашниот ден имало над 40 пожари на отворен простор, од кои во моментов шест се активни. Тој уверува дека тие не загрозуваат населени места и нема опасност да навлезат во квалитетна шума.
Во Богомила, благодарение на брзата реакција на локалното население и пожарникарите од Велес, пожарот бил локализиран и изгаснат. Ангелов им се заблагодари на сите ангажирани тимови, како и на жителите кои ги бранеле своите домови.
Особено тешка била состојбата во Пелагонија. Во Лознани огнената линија се приближила на околу 50 метри од куќите, поради што биле ангажирани четири возила „пинцгауер“ на ДЗС, локалните пожарникари од Битола и 20 припадници на Доброволното противпожарно друштво „Архангел“.
Во гасењето учествувало и локалното население. Ангелов го издвои и младиот тракторист Александар Чепиговски од Ивањевци, кој со трактор орал низ огнената линија и помогнал во спречување на ширењето на пожарот.
Во пожарите во Пелагонија е повреден и еден жител, кој со изгореници на дланките бил пренесен во болница.
Како сериозен го оцени и пожарот кој неколку дена трае на територијата на Македонски Брод, на тешкопристапен карпест терен. Таму бил ангажиран модул за шумски пожари на ДЗС со 25 доброволци и пет оперативци.
„Ер тракторите“ вчера интервенирале и кај пожарот во атарот на Студеничани, кој се ширел кон планината. Според Ангелов, пожарникарите и слабите врнежи придонеле пожарот да ја изгуби силата, но тој сè уште е активен.
Ангелов упати апел до граѓаните за максимална внимателност, особено во услови на високи температури и зголемен ризик од ширење на пожари.
