Температурни рекорди

14.08.2026 10:18

Европа бележи температурни рекорди. Интензивните топлотни бранови со над 40 целзиусови степени направија притисок ...

Екстремната топлина, пожарите, ниското ниво на реките и долгиот сушен период го менуваат пејзажот на Европа. Поголем број држави се соочуваат со топлотен бран со температури над 40 степени со што дополнително се зголеми притисокот врз здравствените установи, водоснабдувањето, потрошувачката на електричната енергија, производството на храна, извозот.

„Беше толку одамна, дури и не се сеќавам кога имавме вистински дожд. Можеби беше на дваесеттиот ден од мај. И оттогаш, ништо“, изјави млекар од Унгарија.

Водостојот на реките го ограничи сообраќајот на поголемиот дел од реките за бродовите што вршат транспорт низ најважните водни патишта во Европа.

„Ако нивото на водата падне уште повеќе, тогаш секако ќе можеме да управуваме со овие два брода само во одредени граници. Инаку, за операторите на товарните бродови, ова природно значи товар што повеќе не можат да го носат.“, изјави Николај Сикира – капетан на брод.

Експерти велат дека прогнозите не се добри, а сушата повеќе не е привремена аномалија, туку нова, постојана карактеристика на климата, на која сите сектори на општеството и економијата ќе мора да се прилагодат во иднина. Дополнителен предизвик се и огнените стихии регистрирани на територијата од Западна Европа до Балканот.

„На крајот на денот, кога се соочуваме со пониски приноси, помало производство на непреработена храна, очигледно ова ги прави цените повисоки. Се работи и за увозните цени и за цените на ѓубривата. Покрај сушата, денес се соочуваме и со проблемот со Ормускиот теснец, иако не станува збор само за работи поврзани со енергијата, туку за повеќе од тоа.“, изјави Петер Вировач – економист, Унгарија.

Според анализите Европа и понатаму останува континентот со најбрзо зголемување на температурите во светот. Здравствени предупредувања се во сила за милиони луѓе. Најкритично во западниот и јужниот дел на континентот. Франција, Италија, Шпанија, Португалија досега беа најсилно погодени од топлотниот бран, додека Велика Британија е на пат да го забележи најтоплото лето во историјата.

Маријана Димовска